
Државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, денеска имаше работна средба во седиштето на НАТО, во Брисел, дел од редовните мултилатерални консултации помеѓу политичко-партнерскиот комитет на НАТО и земјава.
Тема на состанокот било разгледување на новиот пакет „Партнерски цели 2014“ и анализа на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на земјава.
“Ги информирав претставниците на НАТО земјите за посветеноста на Република Македонија за континуираниот и долготраен придонес во меѓународните операции, особено за ИСАФ во Авганистан, за напредокот во тековната трансформација на Армијата како и за развојот на распоредливите способности. Нашата земја дава исклучително висок придонес во меѓународните операции а досега над 3.300 воен персонал од Армијата бил распореден во меѓународни операции. Ја изразивме политичка посветеност на Република Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, за продолжување на учеството во мировните мисии по 2014 година односно во рамките на новата мисија на НАТО „Resolute Support“ – пост ИСАФ мисијата во Авганистан“, истакна Државниот секретар, Стефаноски.