
Најмалку 44 лица се повредени, а повеќе од 100 се уапсени во насилството кое избувна на една студентска улична забава во близина на Санта Барбара, во американската сојузна држава Калифорнија.
На забавата под името „Делтопија“, која е одржана по повод пролетниот студентски распуст, во местото Исла Виста, во близина на Санта Барбара, биле собрани околу 15.000 луѓе.
Судирот започнал кога еден припадник на полицијата бил погоден в глава со ранец полн со шишиња алкохол. Кога неговите колеги тргнале да интервенираат, толпата започнала да фрла кон нив со камења, тули и шишиња, а биле запалени и полициски возила.
Полицијата употребила солзавец и водени топови, но ситуацијата била ставена под контрола дури по неколку часа. Во немирите се повредени и петмина полицајци.