
Денешните избори поминуваат во мирно и во фер и демократска атмосфера, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.
Помошникот министер за односи со јавност, Иво Котевски, по добиените информации од регионалните штабови на министерството и полициските станици, соопшти дека изборниот ден поминува без посериозни инциденти.
Помали инциденти се пријавени вчера, меѓу кои и помали оштетувања на штабови на политички партии во неколку градови во земјава.
Денеска е регистрирано едно нарушување на изборниот процес во струмичкото село Смоларе, кога бил нападнат член на извршниот одбор на избирачкото место 1782 во 7:30 утринава.
По брзата полициска интервенција, приведени се две лица, а гласањето продолжило по 10-минутна пауза.