
Граѓаните на Република Македонија вчера покажаа јасно изразена волја. Речиси 450 илјади граѓани излегоа и ја дадоа поддршката за Иванов, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Народот виде дека Иванов заедно со Владата се бореше за решавање на колку што може повеќе проблеми, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва на митингот во Струга.
„Струга покажа дека помни и знае да направи разлика, но Заев и Шекеринска не ја знаат разликата заради нивната ароганција до бесвест. Кај нив треба реална промена, промена во раководството, но сегашното раководство покажа дека нема капацитети да се промени“, рече Груевски.
Осврнувајќи се на кампањата на СДСМ и нивнит кандидат Стево Пендаровски, Груевски рече дека целата кампања ја воделе со навреди, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Иванов мудро ги премолчувал навредите.
„ Одговорот од граѓаните им дојде синоќа. Синоќа Пендаровски во изјавата се нафрли на нас и повторно го потценуваат мислењето на граѓаните. Зад Иванов застанаа околу 450 илјади луѓе.Тие не заслужуваат навреди од СДСМ и Пендаровски. Не сме идеални и ние сме направиле грешки, но ги исправаме. Ние тераме со проекти и со решавање на проблемите на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во Првата изборна единица.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е партија што ги поддржува сите граѓани, работи за сите и не случајно, вели, и Заев кажал дека најголемите пари ги заработил додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, што значи дека тогаш, рече, се создаде добра бизнис клима.
– Не случајно во Република Македонија дојдоа глобални играчи. Ќе се отворат директни 1.800 нови работни места, а најмалку уште толку индиректни вработувања. Сега сме фокусирани да најдеме стратешки партнер за ЕМО Охрид за што сме во длабоки разговори со една компанија од средно-европска држава, најави Груевски и праша кога СДСМ отворале нови фабрики во овие краишта.