
Женскиот младински хор при МКЦ утре во 20.30 часот, во Младинскиот културен центар ќе одржи концерт, насловен како „Lovely & Lively”. Според програмата ќе се изведуваат композиции со популарен карактер, главно од англиското говорно подрачје. Диригент на концертот е долгогодишниот раководител на хорот, Сашо Татарчевски.
Женскиот младински хор – МКЦ е еден од ансамблите со најдолга традиција во Македонија. Во својата 42 годишна историја хорот нанижал огромен број успеси, промовирајќи ја Македонската хорска традиција на најдобар можен начин. Секогаш свежиот и разноврсен репертоар, како и стандардно високиот квалитет на изведба се заштитен знак на хорот и секако едни од битните фактори во континуираните успеси на домашната и меѓународната сцена. Сепак, најголемото богатство на хорот се неговите членовите и раководители кои со својот нагласен ентузијазам и желба за напредок постојано успеваат да ја воодушеват публиката на нивните настапи.
На концертот воедно ќе бидат промовирани и новите униформи на хорот. Влезот е слободен.