
Македонија не се гради со неисполнети ветувања, со излитени фрази и празни зборови, туку со чесност, искреност и трудољубивост, истакна кандидатот на претседател на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов.
Барајќи ја повторно довербата од прилепчани на вечерашниот митинг во Прилеп изрази уверување дека разликата во вториот изборен круг, на 27 април ќе биде уште поголема. Првиот круг од претседателските избори оцени дека биле успешни, фер и демократски, какви што и доликуваат на Македонија.
„Ја барам вашата поддршка за да продолжиме, заедно да создаваме услови за нови работни места, нови фабрики, патишта, училишта, болници, за повисоки плати и пензии, за повеќе успех и просперитет. Вашиот глас за мене, за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е глас за економски раст и развој, постојани реформи, напорна работа и доброто на сите граѓани“, подвлече Иванов.
Тој потсети дека пред пет години, во првиот круг на претседателските избори во Прилеп излегле да гласаат 61 отсто од избирачите, а овој пат над 70 проценти.
„Во текот на кампањата слушнавме многу обиди за омаловажување. Во првиот круг народот даде одговор на сите обвинувања. Граѓаните поддржаа јасен концепт, наспроти непостојаност во ставовите, конфузија и празни зборови. Вашите гласови се потврда дека водиме исправна политика, дека знаеме да се справиме со предизвиците“, нагласи Иванов.
Според него, најважно е јакнењето на чувството за сопствената држава.
„Чувство исполнето со ентузијазам за претприемаштво и преземање на конкретни иницијативи. Сработување на проекти од почеток до крај. Верба дека Македонија може да успее и дека во Македонија може да се успее“, рече Иванов.
За него, како што посочи, и за владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски нема запирање или одморање, темпото на работа е интензивно и покрај забелешките за реализираните роуд-шоуа на Владата и прашањата за економијата со кои тој се занимавал.
„Успешноста на политиката се мери во бројот на нови отворени работни места за граѓаните. Соработката меѓу Претседателот и Владата мора да биде постојана и на сите полиња. Инвестициите што доаѓаат и се најавуваат речиси секој ден се резултат од таквата работа. Сите сме вклучени и Владата и амбасадорите и економските промотори. За мене е многу важно Претседателот да биде клучен учесник во овој колективен потфат, затоа што се работи за државата. Имаме уште многу работа, надополнуваме многу пропуштено, но има разлика кон подобро, која се гледа“, истакна Иванов.
Претседателскиот кандидат на ВМРО – ДПМНЕ вети дека ќе останат цврсто на своите принципи.
„Ќе продолжиме да ги браниме нашите суштински национални интереси, но покажавме дека сме секогаш конструктивни партнери. Знаеме да преземеме обврски и да ги исполниме. Но знаеме и јасно и гласно да побараме исполнување на обврските, кои другите ги имаат спрема нас“, рече Иванов.
Според него, исправноста на нивните политики е призната, што покажува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
„Сме и ќе опстоиме на страната на меѓународното право и меѓународните принципи. Говориме со јазикот на 21 век, со аргументите на универзалните човекови права, правото на самоидентификација и човечко достоинство. Затоа нашите пораки се слушнати, зголемен е угледот на нашата држава и не почитуваат“, додаде Иванов.
Во изминатиот период, нагласи, покажавме дека знаеме како да ја градиме Македонија, како економски успешна и развиена држава, во која има нови странски инвестиции, нови фабрики и многу нови работни места.
„Покажавме дека знаеме како да ја создаваме Македонија како напредна земјоделска земја. Со субвенциите за земјоделците, со отворањето нови странски пазари за пласман на вашите производи. Ете таква Македонија градиме. Напорната работа дава резултати. Има резултати што се гледаат, видливи резултати. Во нашата земја може подобро да се живее. Заедно со вас, со вашиот глас ја водиме Македонија во подобра иднина“, нагласи Иванов.