
Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во изборната единица 6, Никола Попоски, денеска ги посети гостиварските села Зубовце, Галате, Врапчиште и Вруток. Во Зубовце, Попоски ја посети фабриката за преработка на месо и месни производи “Карнем”, отворена во 2012 год.
На средбите со жителите на споменатите села, носителот на ВМРО-ДПМНЕ во изборна единица 6 ги промовираше проектите за подршка на земјоделието од програмата на ВМРО-ДПМНЕ “Проверено”.
„Со проектот ’Поддршка за прво вработување(практикантство) на млади лица’, се предвидува зголемување на вработеноста кај млади невработени лица така што тие подготвени ќе се вклучат на пазарот на трудот. Поддршката ќе се обезбеди за евидентирани невработени лица до 29 годишна возраст со завршено средно или високо образование, за истите да се стекнат со одредени практични знаења и вештини, преку нивно вклучување во мерки за практична работа за период од 3 месеци. За спроведување на оваа мерка, ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Досега со мерката се опфатени 1.295 млади лица, од кои 759 лица се вработени. За 2014 година планиран е опфат на 319 млади невработени лица за практична работа“, порача Попоски.
„Дополнително со проектот ’Субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години’– Прва Шанса, кој за прв пат се реализира во 2014 година, има за цел да обезбеди побрз премин на дипломирани млади лица од образовниот процес до вработување. Поддршката се обезбедува со цел овие лица да се стекнат со одредени практични знаења и вештини и да станат конкурентни на пазарот на труд. Во 2014 година ќе бидат вклучени 30 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на АВРМ, кои завршиле високо образование во студиската година 2012-2013. Субвенционирање на вработувањето ќе се врши по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и шест месеци обврска на работодавачите да го задржат на работа’, истакна Попоски.