
Шеесет и осум отсто од испитаниците во Македонија сметаат дека религијата има позитивна улога во земјата, наспроти 11 проценти кои се изјасниле дека има негативна улога.
Образованието, при тоа се наведува, е иманентен фактор за ставот кон позитивното влијание на религијата кај испитаниците. Оние кои се со повисок степен на образование веруваат дека религијата има помало влијание. И во Македонија се забележува дека нето скорот, односно разликата помеѓу позитивното и негативното влијание, кај оние без образование изнесува 76 отсто и е повеќе од двојно поголем од оној кај граѓаните со највисок степен на образование (магистри и доктори на науки) 36 проценти.
Анализата за резултатите во Македонија утврди дека позитивниот нето скор за улогата на религијата во земјата е под битно влијание на перцепцијата на граѓаните кои со оптимизам гледаат на иднината (очекуваат 2014 да биде подобра од 2013), исто така влијание во иста насока се забележува и кај граѓаните кои општо земено се задоволни од животот кој го живеат (и кај обете категории нето скорот изнесува 61%).
Истражувањето „Крајот на годината“ е годишна традиција воспоставена уште од 1977 година.