
Во тек е реконструкцијата на североисточниот бедем во манастирскиот комплекс Зрзе, Прилепско.
Во овој комплекс, кој во себе содржи напластени културно-историски и духовни содржини од најстарите времиња до денес, беше реализиран проектот за реконструкција на владичиниот конак. Во моментот во завршна фаза е реконструкцијата на монашкиот конак, во кој, според основниот проект, предвидена е работилница за иконопис, копаничарство и други дејности кои се негуваат во монашкото братство.
Како што информираат од Министерството за култура, до крајот на годината предвидено е да биде реализиран и проектот за изведба на горна порта, како и партерно уредување на целиот комплекс, кој има исклучително значење за македонската културна и духовна историја.
Во изминатиот период во манастирскиот комплекс „Зрзе“ беа спроведени големи археолошки истражувања кои резултираа со пронаоѓање на монашка населба од втората половина на 9 век во бигорната карпа и старохристијански комплекс со базилика и гробница на локален маченик од 4, 5 и 6 век.