
За да бидеме достојни чеда и следбеници на воскреснатиот Господ, должни сме да живееме според заповедите и учењето на светата Црква, рече во својата честитка по повод најголемиот христијански празник Велигден, архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан.
„По најголемата трагедија што се случи на Велики Петок, кога човекот Го осуди Бога, еве го Денот на правдата, Денот на радоста – Денот на животот. Оттаму, Воскресението има централно место и е најважен настан во учењето и во животот на светата Црква. И ние, коишто, веруваме во Христа – веруваме во Неговото воскресение. Христовата победа над смртта е победа којашто Синот Божји ја извојува за целокупното човештво и за сиот свет. Смртта е победена за сите и засекогаш, но секој и насекаде треба да учествува во таа победа “- нагласи поглаварот на МПЦ.
Со света литургија утрово поглаварот на МПЦ ги причести христијанските верници. Тие со желби за здравје и радост втор ден се поклонуваат пред Христовиот гроб. Вечерва на полноќ камбаните ќе ја огласат радосната вест за Христовото Воскресение.