
Осум лица загинаа синоќа при уривање на мал приватен авион во близина на аеродромот во градот Салтиљо во северниот дел на Мексико, соопшти мексиканската Цивилна заштита.
Во соопштението се наведува дека луксузниот авион од типот „Фокер 800“ удрил во покривот на едно складиште при обидот
за слетување на аеродромот, по што се запалил и се урнал на земјата. За гаснење на пожарот на пожарникарите им бил потребен околу еден час.
Во време на падот на авионот реонот околу аеродромот бил зафатен со густа магла, која се смета за најверојатна причина за несреќата.
Со авион патувале двајца пилоти, две брачни двојки, 11-годишниот син на едната од нив и уште една жена. Ниту еден од нив не ја преживеал несреќата.