Миранда му фрли ракавица на Челзи и на специјалниот

Вниманието на спортската јавност денеска ќе биде насочено кон “Винсенте Калдерон” каде со почеток во 20:45 часот ќе стартува првиот полуфинален дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, помеѓу претставниците на Шпанија и Англија, Атлетико Мадрид и Челзи.

Централниот дефанзивец на популарните “јорганџии”, Миранда, дополнително ја подгреа атмосферата со изјавата дека никој не се плаши од контроверзниот менаџер на лондонските “сини”, Жозе Мурињо.

“Знам дека има такви кои се изненадени, кои не очекуваа дека Атлетико Мадрид ќе ја елиминира Барселона. Јас не гледам ништо чудно во тој успех. Јас го почитувам Мурињо како менаџер, но нема потреба од некаков страв. Никој не се плаши од Португалецот, напротив, ние ќе направиме се што е во наша моќ за да му загорчиме гостувањето во Мадрид, гостувањето во Шпанија. Кај нас немаше никаков страв и во времето кога Мурињо беше тренер на Реал Мадрид. Челзи е голем тим, но голем тим е и Барселона. Исто го посакуваме финалниот натпревар во Лисабон”, изјави репрезентативецот на Бразил.