
По тешко и долго боледување вчера почина познатиот португалски поет, раскажувач, есеист, драматург, хроничар, преведувач – Васко Граса Моура, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2004 година.
Роден е во Порто на 3. јануари, 1942 година. Студирал право и бил значајна фигура во јавниот и политичкиот живот на Португалија и Европа. Раководел со најреномираните институции во Португалија, од националната телевија, до институции од областа на културата и уметноста. Но покрај овој дел од неговиот живот, преку своето творештво се вбројува меѓу најреномираните современи португалски поети.