Европратеникот и лидер на грчката партија „Грчки европски граѓани”, Јоргос Шацимаркакис, преку писмо до претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, побара Европската Унија да и’ го укине кандидатскиот статус на Македонија.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, контроверзниот Шацимаркакис кој што важи за близок до (про)опозициските структури во Македонија, бара укинување на кандидатскиот статус врз основа на клеветите што СДСМ и про-опозициските новинари ги пласираат во континуитет.
Така на пример, Шацимаркакис бара на Македонија да и’ се укине кандидатскиот статус, меѓудругото и поради тоа што во земјата наводно немало слобода на печатот.
Оваа теза, што во континуитет ја форсираат СДСМ и големиот број про-опозициски односно соросови медиуми, пред извесно време беше пласирана и на панел дискусија во Брисел во организација на Шацимаркакис и неговиот колега, инаку голем поддржувач и пријател на СДСМ, Јелко Кацин. При тоа, улогата на Борјан Јовановски, Биљана Секуловска, Слободанка Јовановска и Цаца Николовска беше да ја оцрнуваат Македонија, со цел уривање на нашите позиции во рамките на ЕУ.
Шацимаркакис во писмото ги споменува и ланските случувања кога СДСМ се обидуваше да создаде криза во Македонија, преку инцидентите што ги правеше во и надвор од Собранието. Тој за нив известува во корист на опозицијата, нагласувајќи дека се случила политичка интервенција за време на “дебатата” за буџетот, но не наведува дека наводната “дебата” беше сведена на насилничко однесување на СДСМ што кулминираше со кршење и уништување на опремата и ентериерот во собраниската сала.
Ова не е прв пат токму оваа криза предизвикана од СДСМ да биде користена од страна на Грците за уривање на македонските позиции во ЕУ. Познавачите на состојбите уште тогаш предупредија дека СДСМ ја создава кризата во корист на Грција, а на штета на Македонија. Грчкото МНР пак веднаш ги брифираше грчките новинари дека имале план за успешно справување со прашањето со Скопје на меѓународна сцена, а дека прв и најсилен аргумент им биле токму инцидентите во Собранието. Врз таа основа Грците тврдеа дека во Македонија имало демократски дефицит надевајќи се дека ќе издејствуваат негативен извештај од Европската Комисија без препорака за одредување датум за старт на преговорите со ЕУ.
СДСМ, опозициските новинари и Шацимаркакис имаат идентични ставови и кога станува збор за проектот Скопје 2014 та и спомениците на македонските великани. Европратеникот во писмото наведува дека проектот Скопје 2014 та е поддржан од Владата и дека во негови рамки се подигаат споменици на историски личности, поради што Македонија веќе добила критики, затоа што наводно се обидувала да ја преработува историјата на националистички начин.
Споменувајќи ги спомениците и фигурите на Александар, Филип, Аристотел и цар Самоил, Шацимаркакис тврди дека ако Македонија продолжела да инсистира на наводните историски контроверзии, тоа можело да предизвика конфликт меѓу нациите.