Изложба на графики и скулптури од Дали

Изложбата Салвадор Дали – графики и скулптури, ќе се отвори утре, во галеријата „Остен“, со почеток во 20.20 часот. Овој уметнички настан е во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, но и по повод 25-годишнината од смртта на големиот шпански уметник.

На изложбата „Остен“ ќе презентира дел од својата колекција, која го има потписот на Дали. Конкретно, македонската јавноста ќе има можност да види 14 графики, еден цртеж и две скулптури изработени од сестраниот мајстор – сликар, скулптор, графичар и дизајнер, чија извонредност, креативност и ексцентричност секогаш ќе претставува репер за уметноста на 20 век.

Изложбата, која за посетителите ќе биде отворена до 27 мај (од 10 до 17  часот секој работен ден и од 10 до 13 часот во сабота), е во организација на Остен уметност на хартија, а во соработка со Делегацијата на Европската унија, Општина Центар и Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје.