Косовски тур-оператори ќе ги посетат Охрид и Струга

„Туристичка Македонија гледана од сосема друг агол“, е мотото на промотивното патување што денеска ќе почне и ќе заврши во Приштина, а ќе ги опфати и главните македонски туристички центри Охрид и Струга.

Патувањето го организира Меѓународната канцеларија Инвест Македонија – Албанија и Косово, во соработка со воздухопловното друштво „Реисбиро“ од Приштина, ТАВ Македонија, општините Охрид и Струга, и компаниите „Ер Минхен“, „Скај Експрес” и „Лимак Косово“.

Во турата ќе учествуваат 150 лица, претежно тур-оператори и туристички агенции од Косово, но и медиумски преставници.

Економскиот промотор на Македонија за Албанија и Косово, Фатос Мустафа вели дека патувањето ќе почне од меѓународниот аеродром во Приштина „Адем Јашари“ и патниците ќе слетаат во аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Потоа со отворен туристички автобус ќе ги разгледаат охридските знаменитости, а патувањето ќе го продолжат во Струга.

Туристичките агенции и медиумските претставници од Косово ќе имаат можност да се запознаат со атракциите што ги нудат овие два града, туристичките потенцијали, културните и историските вредности, но и со традиционалното кулинарство.

Предвидени се средби со раководителите на повеќе хотели и туристички организации.

Патувањето со авион ќе заврши каде што и почна, во Приштина.

Целта на Меѓународната канцеларија Инвест Македонија – Албанија и Косово е да се истражат можностите на туристичките бизниси на двете земји и да се воспостави долгорочна соработка.

Извор: МИА