
По повод реизборот на претседателот Ѓорѓе Иванов, писмо со честитка во име на Европската комисија и во лично име упати претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
„Како земја – кандидат постигнавте многу на планот на интеграцијата во Европската унија. Преостануваат важни предизвици и потребно е спроведување на натамошни реформи. Од суштинско значење е градење на довербата меѓу граѓаните во демократските процеси. Добрососедските односи, вклучувајќи ги и преговорите за заеднички прифатливо решение за спорот со името, остануваат од суштинско значење. Ви посакувам успеси како Претседател во справување со предизвиците и исполнување на европските аспирации на Вашата земја, а во интерес на сите граѓани“, стои во писмото од Баросо.
Честитки за реизборот на претседателот Иванов упати и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
„Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија“, стои во писмото упатено од претседателот Путин.
Честитки до претседателот Иванов упатија и претседателите на Сојузна Република Германија, Јоахим Гаук, на Република Турција, Абдула Ѓул, на Република Бугарија, Росен Плевнелиев. Исто така на Иванов му честитаа и претседателите на Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Литванија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина…