
Повеќе балкански држсви се зафатени од силно невреме и поројни дождови кои предизвикаа поплави и големи материјални штети. Во поплавите во Србија животот го загубија две лица.
Во шестнаесет општини во Србија е прогласена вонредна состојба.
Во Умчари вчеравечер се удавил човек кој не ги почитувал советите од надлежните органи кои барале од него да се евакуира од куќата. Денеска поплавите ја зедоа и втората жртва во Србија. Пожарникар од Топола, утринава загинал во акција за спасување во реката Јасеница, кога му се откачила безбедносната сајла.
На територијата на Белград веќе наврнаа 55 литри вода на квадратен метар, што е колку и месечниот просек на врнежи. На одделни линии во Белград возилата на градскиот превоз од утрово сообраќаат на изменети траси поради преголемата количина на вода по улиците и шините.
Основните и средните уилишта во Белград денеска не работат, јавуваат тамошните медиуми.
Најкритична е ситуацијата во Колубарскиот и во Мачванскиот округ од каде се евакуирани 60 луѓе. Исклучително драматична е ситуацијата во Ваљево каде се излеа реката Колубара и создаде големи проблеми за жителите на градот.
По оштетувањата на пругата Белград – Бар на делницата Словац-Т од синоќа е запрен железничкиот сообраќај. Сообраќај не се одвива и на дел од Ибарската магистрала, помеѓу Чачак и Милановац.
Низ цела Србија евакуирани се вкупно 500 лица.
Силно невреме ја зафати и Хрватска. Црвен највиок степен на предупредување е објавен во северозападниот и источниот дел на земјата.
Црвениот аларм значи дека времето е опасно и дека се можни големи штети и несреќи на поголеми површини. Во Хрватска се очекува да дува ветер со брзина од над 75 километри на час и да наврнат 40 литри дожд на метар квадратен. Издадено е предупредување до граѓаните и апел да ги слушаат наредбите и да бидат подготвени на вонредни околности.
Последниве 48 часа се забележани рекордни врнежи и во Босна и Херцеговина, во последните 120 години. Во источните и централните подрачја на БиХ наврнале околу 100-150 литри на метар квадратен.
Поради поплавите без струја останале делови од Тузла, Зеница, Живница, Лукавац, Сребреник, Грачаница, Олово и други општини.
Исто така во прекин е и трамвајскиот сообраќај поради зголеменото ниво на реката Милјацка на локацијата кај мостот Чумурија.
Прва голема акција била спроведена на подрачјата на Шекович, Олово и Кладња, каде биле евакуирани 12 лица, од кои шест деца. Пилотите на вооружените сили на БиХ успеале со хеликоптери да стигнат до загрозените и да ги евакуираат.