Венгер доби буџет од 100 милиони фунти

Веднаш по освоениот пехар во годинешното издание на англискиот ФА Куп, менаџерот на лондонскиот премиерлигаш Арсенал, Арсен Венгер има работен состанок со клупските челници кои му соопштиле дека на располагање ќе има околу 100 милиони фунти кои ќе бидат потрошени за да бидат ангажирани неколку квалитетни засилувања за време на летниот преоден рок.

Трофејниот француски стручњак доби дозвола да ангажира нов централен дефанзивец, нов десен бек, играч за врска и нов напаѓач, но истовремено бил информиран дека клубот нема да ја продолжи соработката со францускиот интернационалец Бакари Сања и со резервниот голман, Лукаш Фабијански.

Прв на списокот со потенцијални засилувања е францускиот интернационалец од редовите на Реал Мадрид, Карим Бензема кој е проценет на 30 милиони евра, а дресот на популарните „топчии”, најверојатно во новата клупска сезона ќе го носи и напаѓачот на Лил, Саламон Калу.

Излезната врата од „Емирати” најверојатно ќе му биде покажана и на белгискиот интернационалец Томас Вермален кој веќе јавно се пожали дека не е задоволен од минутажата која ја добил во изминатата сезона.