
Драмата околу одлуката на опозицијата да не ги прифати пратеничките мандати кои ги верификуваше Собранието влезе во својот втор чин, пишува Утрински весник. Тој се одигрува на сцената на неколку општински совети, каде мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ констатира престанок на мандатите на членовите на советите од СДСМ, со образложение дека функциите пратеник и советник се неспоиви.
Координаторот на советничката група и претседател на општинскиот огранок на СДСМ во Охрид, Томислав Тунтев, беше првата „жртва“ на верификацијата на мандатите. Вчера истото се случи и во советот на општина Битола каде им беа одземени мандатите на Васко Ковачевски, кој е координатор на советничката група и лидер на општинската организација, како и на Јулијана Силјановска. На нивно место биле избрани Александар Касапов од ЛДП и Благица Гилевска од Достоинство, кои биле следни на листата.
За утре, пак, е закажана и седницата на советот на Град Скопје. Според информациите како итна точка на дневен ред е вметнато констатирањето на престанок на мандатот на претседателката на градската организација на СДСМ, Софија Куновска.
Советниците на опозицијата во Битола побарале да се одложи седницата до донесување на пресудата од Управниот суд по тужбата на СДСМ против Собранието, но мнозинството советници тоа не го прифатило и одлучило седницата да се одржи.
За Ковачевски верификацијата на мандатите на кандидатите за пратеници од опозицијата и покрај нотарски заверените изјави дека не ги прифаќаат е доказ за насилничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во членот 65 од изборниот законик јасно стои дека избраниот кандидат за пратеник може да поднесе неотповиклива оставка до денот на верификација на мандатите. Од тие причини ние против Собранието поднесовме тужба до Управниот суд за насилно верификување на мандатите“, вели Ковачевски.
Според СДСМ она што во 2011 година важело за неколку градоначалници, како Владимир Талески, Марјан Ристески, Ивица Коневски…, сега не важи за нив. Со тоа, според нив, грубо е повредено уставното право членовите на советите сами да одлучуваат која од двете функции, пратеничката или советничката, ќе ја извршуваат.
Сите пратеници на СДСМ во петокот ја поднесоа тужбата до Управниот суд против Собранието. Тие побараа поништување на, според нив, донесената противуставна одлука за верфикација на мандатите, како и донесување времена мерка за стопирање на сите активности што таа ги произведува.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, повикувајќи се на членот 65 од Уставот вели дека мандатот на пратениците го верификува Собранието и тој започнал да тече од 10 мај.
„По 10 мај имаме спорна ситуација од опозицијата. Според Уставот пратеникот ја поднесува оставката лично до Собранието. Ако колегите од СДСМ не сакаат да бидат пратеници и сакаат да го вратат мандатот тоа мора да го направат во Собранието. Поднесување оставка пред нотар за мандат кој ви го дале граѓаните не постои“, изјави Бонева.
Извор: Утрински весник