
Бугарија со изградбата на делот од гасоводот „Јужен тек“ ги крши правилата на Европската Унија и Европската комисија ќе поведе мерки да не го дозволи тоа, соопшти во вторникот околу полноќ, претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо, велејќи дека за тоа ги известил и лидерите на земјите на Европскаа Унија кои заседаваа во Брисел, пренесоа медиумите.
Баросо оваа изјава ја дал на новинарска прес конференција и додал дека тоа го ставил до знаење и на бугарскиот премиер Пламен Орешарски со кого разговарал во Брисел .
Тој, одговарајќи на новинарско прашање, како гледа на фактот дека Бугарија тргнува во изградба на „Јужен тек“ на своја територија во соработка со официјален претставник на руската компанија кој е на списокот на личности на кои им е ускратена дозвола за патување во ЕУ.
Баросо подвлекол дека на лидерите на ЕУ им ја пренел потребата сите земји членки на Унијата да бидат единствени околу енергетската безбедност и како што истакнал „никој на самитот тоа не го оспорил“.
Додал дека на лидерите на Унијата им предочил дека некои договри кои се склопени или за кои се преговара се во противречност со законите на ЕУ, напоменувајќи дека Европската Комисија „ќе стапи во дејство во врска со тоа“.
Баросо рекол дека на бугарскиот премиер Орешарски му ставил до знаење дека правилата на внатрешниот пазар на ЕУ мора да бидат почитувани, не само затоа што Европската комисија е чувар на одредбите на ЕУ договорите, туку и затоа што се доведува во опсаност енергетската безбедност на Бугарија и ЕУ, ако тие прописи не се почитуваат“.
„Ние сме потполно запознаени со таа ситуација, го следиме тоа со месеци и европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер е во контакт со бугарскиот министер за енергетика, а јас и на самитот на ЕУ не оставив сомнеж дека Европската комисија ќе дејствува секогаш кога сме убедени дека правилата на внатрешниот пазар, а конкретно правилата за енергија, не се испочитувани“, рекол Баросо.
„Тоа важи за договорот на Бугарија“ за изградба на гасоводот „Јужен тек“, заклучил Баросо.