
Најмалку 29 лица се повредени, од кои пет потешко во силен земјотрес со јачина 5,9 степени по Рихтеровата скала која утринава го погоди југозападот на Кина, соопшти американскиот Геолошки завод.
Епицентарот на земјотресот бил во провинцијата Јунан и се случил на длабочина од 10 километри, а се почувствувал на северот на Мјанмар, пренесува АФП.
Голем број луѓе излегле на отворен простор, а многумина од нив велат дека потресот траел од шест до осум секунди.
Властите ги упатиле припадниците на полицијата во Качанг кој се наоѓа многу блиску до епицентарот на потресот, а биле испратени и спасувачки екипи заради проценка на ситуацијата.
Југозападна Кина е трусно подрачје каде што во мај 2008 земјотрес со јачина од осум степени по Рихтер ја погоди провинцијата Сечуан усмртувајќи десетина илјади луѓе и нанесувајќи огромна материјална штета.