Обама турнејата во Европа ја почнува во Полска

Американскиот претседател Барак Обама ќе допатува денес во Полска каде што ќе ја отпочне турнејата низ Европа која е во сенка на украинската криза, за да ги поткрепи американските безбедносни гаранции на загрижените источноевропски членки на НАТО .

Обама најпрво ќе се состане со американските и полските пилоти на авионите Ф-а16 кои ги извршуваат заедничките патроли. Овие патроли се засилени откако Крим се припои кон Русија, што симболично и сигнализира на Москва за американските намери, пренесува АФП.

Тој денес, зедно со полскиот претседател Бронислав Коморовски, ќе копретседава со состанокот на земјите од Централна и источна Европа кои некогаш беа зад железната завеса, а сега се во состав на НАТО.

На состанокот кој ќе биде одржан во претседателската палата во Варшава, ќе учествуваат лидери или високи претставници на земјите кои некогаш беа членки на источниот блок, меѓу кои се Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка.

Обама ќе биде почесен гостин на одбележувањето на 25-годишнината на првите слободни, посткомунистички избори во Полска, кои таа земја ја изведоа од советската орбита и ја поведоа кон демократијата и растечкиот економски просперитет низ членството во ЕУ.

Тој ќе преноќи во Варшава, а утре ќе се состане со новизбраниот претседател на Украина, Петро Порошенко, како знак на поддршка во настојувањата на украинскиот лидер земјата да ја турне кон Западот и да ја изведе од економската и политичка криза.

Белата куќа вчера соопшти дека претседателот Џо Бајден ќе отпатува во Киев во сабота за да присуствува на инаугурацијата на Петро Порошенко, со што се истакнува ставот на САД дека народот на Украина, а не Москва, треба да одлучува за својата судбина.

Турнејата на Обама ќе продолжи со учеството на самитот на Г7 во Брисел, кој ќе биде обележан со американскиот притисок на Европа да го одржи економскот притисок кон Русија.

Обама ќе ја посети Франција, каде ќе разговараат со францускиот шеф на државата Франсоа Оланд во Париз и во петок ќе присуствува на обележувањето на 70 годишнината на истоварувањето во Нормандија со што и ќе го заврши своето второ патување по Европа оваа година.

Белата куќа соопшти дека во Нормандија  нема да има тет-а-тет состанок на Обама и рускиот претседател Владимир Путин, кој исто така ќе присуствува на комеморацијата на Денот Д во Франција.

Соработниците на Обама, меѓутоа не ја исклучија можноста за неформална средба на американскиот и рускиот лидер, што би било прв пат двајцата ривали да се сретнат откако украинската криза прерасна во најлошата криза во односите помеќу Истокот и Западот од студената војна досега.