
Селекторот на фудбалската репрезентација на Португалија, Пауло Бенто, потврди дека има голем, позитивен напредок кога е во прашање здравствената состојба на најголемата ѕвезда во неговиот тим, Кристијано Роналдо, а најзаслужен за таквата позитивна вест е медицинскиот тим на Португалија.
„Јас, 100 отсто имам доверба во медицинскиот тим на Португалија. Сите сме задоволни, има голем напредок, и тоа позитивен кога е во прашање здравствената состојба на Кристијано Роналдо. Сите фудбалери, освен Бето, тренираат со полн интензитет. Целиот тренинг го одработија и Пепе и Меирелеш. За мене, секогаш на прво место ќе биде здравјето на фудбалерите. Пепе, Меирелеш и Роналдо се жалеа на сосема различни повреди, но Меирелеш мораше да игра повреден до крајот на изминатата сезона. Роналдо пак играше со болка во финалниот натпревар од Лигата на шампиони, а Пепе се повреди пред финалниот натпревар во ЛШ. Убеден сум дека нивните повреди ќе бидат санирани пред стартот на првиот натпревар од групната фаза”, изјави Бенто.