ЕУ: членките сами да одлучат за третманот на ГМО

Европската унија на своите земји членки ќе им дозволи сами да донесуваат одлуки за одгледување на модифицирани производи, постигнувајќи компромис на тоа поле после повеќегодишни несогласувања.

Сите членки на унијата, освен Белгија и Луксембург, се сложиле околу одлуката, пренесува Франс прес.

Клучна одредба во договорот им овозможува на поединечните земји на ЕУ да го забранат садењето на посеви со ГМО семе, дури и доколку тие веќе добиле потврда за безбедноста на ниво на Унијата.

Противењето на јавноста и еколошките организации, особено во земјите као Франција, резултираше со тоа што барањата за одобрување на садењето на ГМО посеви со години беа блокирани во Брисел.

Минатата година американскиот агро-хемиски гигант „Монсанто“ се откажа од напорот да добие нови дозволи за садење во ЕУ, наведувајќи дека не вреди толку труд.

„Новиот систем гарантира право на избор за членките на ЕУ, рекла француската министерска за екологија, Сеголен Ројал.

Договорот постигнат денес треба да добие одобрение од Европскиот парламент, кадешто се очекува големо противење на неговото изгласување.