Бразил подобар од Хрватска, но со судиска помош

Премиерниот натпревар на јубилејното 20. Светско првенство, дуелот во групата “А”, помеѓу домаќинот, репрезентацијата на Бразил и селекцијата на Хрватска заврши со сигурен триумф на “кариоките” од 3:1, но дуел во Сао Паоло, најмногу ќе биде запаметен по срамната арбитража на јапонскиот судија, Јуичи Нишимура.

На 15 минути до крајот од натпреварот, при резултат 1:1, јапонскиот судија досуди смешен пенал на Бразил кој успешно беше реализиран од најдобриот фудбалер на натпреварот, двојниот стрелец, Неимар.

“Знаев дека Бразил ќе има иницијатива, а ние им подаривме неколку топки. Имавме мали проблеми, но јас сум задоволен од играта на моите фудбалери. Ја погледнав снимката од спорната ситуација и ако тоа е пенал, тогаш подобро да играме кошарка. Ова е срамота, чиста кражба. Моите фудбалери работеа напорно, дадоа се од себе за да изборат пласман на СП, а потоа ти суди еден судија кој не е на потребното ниво. Никогаш не ја коментирам судиската арбитража, но ова е срамота, правилата не беа исти за двата тима. Ако имаме вакво судење и на следните натпревари, тогаш подобро веднаш да се вратиме во Хрватска, изјави по натпреварот предводникот на “коцкастите”, Нико Ковач.