Поддршка за бизнисот и намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто

 

 

 

Бројни мерки и активности ќе бидат реализирани за поддршка на домашното стопанство, најави мандатарот Никола Груевски.

Меѓу најзначајните наброја нови 100 милиони евра поволни финансиски средства со субвенционирана камата од 5,5 проценти, докапитализација на МБПР со 10 милиони евра, наменети за производство за извоз, финансирање земјоделски производство и извоз и откуп, а ќе продолжи и проектот странски експерти за домашни компании.

– Владата ќе продолжи со политиките за создавање рамен и еднаков терен за фирмите и намалување на нелојалната конкуренција и сивата економија. Ќе се нивелираат и прекршочните санкции согласно економската моќ на фирмите преку измени на Законот за прекршоци. Приоритет ќе биде и развојот на системот на иновации, преку поддршка на македонските компании да ги зајакнат своите капацитети да инвестираат во нови технологии, иновации, истражување и знаење, рече Груевски.

Ќе следува, најави, и намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, за бебешки производи, училишен прибор и за добиточна храна и живи животни. Земјоделците ќе добијат нови 600 милиони евра субвенции, по 150 милиони евра секоја година. Ќе започне спроведувањето на десетгодишната стратегија за развој на нови и реконструкција на руинираните системи за наводнување вредна над 200 милиони.