Полски дипломат осомничен за убиство на богаташка од Монако

Околу 20 лица биле приведени од француската полиција, како осомничени за убиство на богаташката од Монако, Хелен Пастор (77).

Старицата била убиена минатиот месец, кога во неа пукало непознато лице, додека таа излегувала од болница во францускиот град Ница.

Во пукотницата убиен бил и нејзиниот возач Мохамед Дарвич (64).

Пастор, која е наследничка на едно од најбогатите семејства во Монако, била погодена со неколку куршуми во стомакот, во вратот и во лицето. По двојното убиство, кое го сторил, напаѓачот побегнал.

Полицијата смета дека во злосторството се вмешани и ќерката и зетот на Хелен Пастор, па ги привела и нив.

Инаку, ќерката Силвија Пастор е омажена за почесниот полски конзул во Монако, Вјчех Јановски.