
Актуелниот светски и европски шампион, репрезентација на Шпанија се прости од сончевиот Бразил со убедливата победа од 3:0, која ја забележа во дуелот против селекцијата на Австралија.
Популарната “црвена фурија” дојде до посакуваното водство со прекрасниот погодок на Давид Вилја, а во второто полувреме, противничката мрежа ја погодија и Фернандо Торес и Хуан Мата.
“Шпанија во изминатите шест години е лидер кога е во прашање ранг-листата на ФИФА. Оваа генерација ќе биде запаметена како една од најдобрите во фудбалската историја. Сега на нас ни дојде редот да загубиме, но дома ќе се вратиме со дигнати глави. Некој друг тим заслужено заврши пред нас и обезбеди пласман во следната рунда”, изјави по натпреварот селекторот на Шпанија, Винсенте дел Боске.