Груевски го честита почетокот на Рамазанските пости

По повод почетокот на рамазанските пости, премиерот Никола Груевски упати честитка до претседателот на Исламската заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи.

„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од моето лично име и од името на Владата на Република Македонија со сета почит и искрени желби да Ви го честитам започнувањето на Рамазанските пости“, стои во честитката.

Светиот месец Рамазан, како што се наведува, за Вас претставува возвишение од добрина, многу духовност, радост и единство.

„ Од овие причини, Ви посакувам наредните денови на пост и молитва да Ви донесат чиста мисла и добри дела, а тие да бидат стимул на толеранција, кон сеопшт напредок и разбирање, како во вашата заедница, така и во нашето заедничко општество. Тоа се вредности кои се потребни на секој човек и на секоја заедница, вредности кон кои мораме да се стремиме,  да ги почитуваме и заеднички негуваме. Ви пожелувам радосни празнични денови, многу дарови, милост и проштевање во секој Ваш дом“, се вели во честитката од премиерот Груевски.