
Над 5 милиони евра проголта пожарот во фабриката за бисквити „Виго“ во Битола, јави дописничката на телевизија Канал 5.
Цела ноќ пожарникарите се бореле со огнот во страв да не експлодираат резервоарите со гас. Имало три мали експлозии, но сепак 30 тонските резервоари куртулиле.
Ова е најголем пожар во Битола во последните 20 години, велат пожарникарите и тврдат дека навреме почнале да го гаснат пожарот, но поради временските услови огнот многу бргу ја зафатил целата фабрика.
Екипи на битолската противпожарна единица и на полицијата се уште ја следат состојбата во кругот на фабриката за кекси „Виго 48” која вчера изгоре во голем пожар кој изби попладнето.
Огнот брзо се ширел поради ветрот, но и поради запаливите градежни материјали, како и високозапаливите суровини во процесот на производство.
„ За околу еден час, гореше целата фабрика! Сите вработени беа навремено евакуирани и сите се безбедни. Направена е огромна материјална штета. Нашата првична проценка од она што можеме да го видиме од надвор е дека 95% од фабриката е уништена. Штетата е преку 5 милиони евра – вели Ненад Павловски, управител на фабриката Виго 48.
Фабриката вработуваше 215 работници и беше извозно ориентирана фирма која извезуваше производи во 14 земји. Пожарот избил во делот на оџакот, но причините се’ уште не се утврдени, а со оглед на тоа што во внатрешноста на објектот се’ уште гори полицијата не дозволува пристап во него.