
Македонија е подготвена за Европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години, кое по десет години повторно ќе се одржува кај нас од 3 до 6 јули. Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 400 кајакари од 28 држави. Поголемиот дел од нив веќе може да се забележат низ скопските улици, но и на стазата на Матка, каде што ги одржуваат своите тренинзи и каде што ќе се случува првенството.
„Македонија е подготвена, уште еднаш да го прифати предизвикот на земја домаќин на ваков голем настан. Поголемиот дел од екипите веќе тренираат на патеката, а ние како организатори се трудиме максимално да ги задоволиме барањата на сите учесници за непречено да се престават на првенството и рамноправно да се натпреваруваат. Ни остана само уште да го дочекаме стартот и да видиме кој ќе се качи на пиедесталот.“ – истакна Атанас Николовски, спортскиот директор на кајакарската федерација на Македонија.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, изрази поддршка на ваквите европски случувања.
„Настаните од ваков тип се секогаш безрезервно поддржани од Агенцијата за Млади и Спорт, па така и на ова европско првенство решивме да излеземе во пресрет. Не само поради важноста на ова првенство за македонското кајакарство и македонскиот спорт, туку и поради самата промоција на нашата земја преку ваквите манифестации. Да се биде домаќин е чест, но и голема одговорност. Затоа ние, како државна институција, сме должни заедно со кајакарската федерација да го понесеме товарот и да се вложиме максимално за да биде се во најдобар ред на ова европско случување.“, изјави Спасески.
Европското првенство во кајак на диви води со свечено отварање официјално ќе се започне на втори јули каде ќе има свечено дефиле на сите држави учесници, а официјалниот старт е еден ден подоцна во кањон Матка, каде ќе започне натпреварувачиот дел.