
Со финансиски средства што ги обезбеди Владата на РМ, наменети за промоција на македонското извозно земјоделско производство на светските реномирани саеми за храна и вино, во моментов осум македонски компании го претставуваат преработувачкиот сектор од РМ на еден од најзначајните интернационални саеми за храна во светот – FANCY FOOD во Њујорк, САД.
Саемот FancyFood Њујорк, е најголемиот саем за храна и пијалоци што се одржува секоја година во Северна Америка во периодот од 29 јуни до 1 јули. На саемот се претставуваат 40.000 изложувачи од 80 земји во светот и каде можат да се видат 260.000 видови на прехранбени производи (конфекционирани производи, конзервирана храна, сирења, зачини, кондиторски производи итн.). Саемот FancyFood дава можност трговците и потрошувачите од САД да бидат запознаени со македонските прехранбени производи и да се отвори простор истите да се најдат во нивните малопродажни места.
За успешен настап и успешно претставување на македонските компании, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку одлична соработка со конзулот на РМ во Њујорк, Гоце Карајанов како и Македонската асоцијација на преработувачи – МАП, обезбеди простор од 70 м2.
Македонскиот национален штанд е дизајниран во насока на препознатливост на нашата земја и е сместен на одлична позиција во централниот дел на приземјето на саемот, веднаш до националните штандови на Канада, Холандија и Велика Британија. На штандот, покрај македонскиот традиционален ајвар, изложени се разни преработки од овошје и зеленчук и истите може на лице место да се дегустираат. Интересот за нашите производи е огромен. Посетителите се пријатно изненадени од вкусот на македонските производи, така што на македонскиите компании им е овозможена одлична можност за освојување на американскиот пазар.