Швајцарски тест за Меси и дружината

Сигурна победа во осминафиналната пресметка против селекцијата на Швајцарија се очекува од големиот фаворит за светската титула, репрезентацијата на Аргентина.

Освен победа на популарните “гаучоси”, фудбалската јавност очекува уште една маестрална партија на најголемата ѕвезда во аргентинскиот дрес, Лионел Меси, кој на своето конто веќе има запишано четри погодоци, а тешко е за верување дека репрезентативците на Швајцарија ќе излезат на крај со фудбалскиот “магионичар”.

Поради посериозна повреда, овој натпревар од свечената ложа ќе го следи напаѓачот на Манчестер Сити, Серхио Агуеро, а напаѓачот на ПСЖ, Езекел Лавеци, најверојатно ќе им биде партнер во нападот на Лионел Меси и Гонзало Игуаин.
Еветуалниот успех на Швајварија најмногу ќе зависи од играта и од расположението на крилниот напаѓач Џердан Шакири кој постигна три погодоци на претходниот натпревар против селекцијата на Хондурас.

“Да, не можам да сметам на Агуеро, но имам неколку фудбалери кои се максимално подготвени, кои се тука за да помогнат. На пример го имам Лавеци кои одигра одлично против Нигерија. Сега немаме право на ниту една грешка, сега играме на се или ништо. Швајцарија е незгоден противник, тим составен од искусни фудбалери. Мора да го наметнеме нашиот стил на игра, знам дека овој тим може подобро, може да биде уште поопасен. Нормално дека нашиот успех зависи и од играта на Меси, а јас сум убеден дека повторно ќе биде маестрален”, изјави пред натпреварот селекторот на Аргентина, Алехандро Сабела.