Македонија го зазема 77. место во светот на листата со 100 земји рангирани според количеството резерви на злато, која ја прави Светскиот совет за злато, пишува Дневник. Лани државните резерви во злато останале исти и изнесуваат 6,8 тони и опфаќаат 11,1 отсто од вкупните резерви на земјава. Од земјите во регионот меѓу топ-100 земји со најмногу резерви на злато се Грција, на 33. со 112,2 тони златни резерви, Романија, на 35. место со 103,7 тони злато, а Бугарија е на 48. место со 40 тони злато. Следуваат Србија, на 62. место со 16,6 тони златни резерви, Словенија на 90. место со 3,2 тони, Босна и Херцеговина на 93. место со 3 тони и Албанија на 99. со 1,6 тон. На листата ги нема Хрватска и Црна Гора.
Kако и претходните години, првите десетина места не се променети. Земји најбогати со златни резерви се САД, Германија, Италија, Франција и Kина. Меѓу финансиските институции најмногу злато има Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.
Податоците покажуваат дека стоте земји со најголеми резерви имаат 31.320 тони злато. Ако се анализираат податоците, интересно е дека речиси сите анализирани земји и во екот на најголемата светска криза не ги ситнеле златните резерви. Значи во периодот од 2008 до 2013 година тие останале непроменети. Исклучоци, односно смалувања на резервите во злато има кај Чешка и многу малку кај Германија, а Босна и Србија за овој период малку ги покачиле резервите во злато.
Инаку, според јунскиот извештај на ЦИА, Македонија е на 113. место во светот според вкупните девизни резерви, и на валути и на злато. Од регионот најдобро е рангирана Србија -на 67. место и девизни резерви од 15,9 милијарди долари, Хрватска е на 72. место со 11,46 милијарди долари, а Босна и Херцеговина е на 95. место со 5 милијарди долари во резерви на валути и злато. Интересно е што Словенија с на дури 137. место со само 889 милиони долари во резерви.
Истражувањето на ЦИА опфаќа 169 држави, а на врвот на листата е Kина со резерви од 3,8 трилиони долари, по неа е Јапонија со 1,28 трилион, а Европската Унија во целина е на третото место, со 864 милијарди долари.
ВО ТРЕЗОРОТ НА НБРМ ИМА 1,9 МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ
Последните податоци на Народната банка на Македонија покажуваат раст на салдото на девизните резерви во мај. Вредноста на девизните резерви изнесува 1 милијарда и 920 милиони евра и во споредба со април тие се зголемени за речиси 21 милион евра. Во април девизните резерви изнесувале 1 милијарда и 899 милиони евра. Според мерењата на НБМ, во мај е регистриран пораст на девизните средства врзани за конвертибилни странски валути чие ниво достигна 1 милијарда 715 милиони евра. Намалување има кај девизните резерви што се чуваат во злато. Во мај вредноста на златните девизни резерви изнесува 201 милион евра и во споредба со април е регистрирано намалување за речиси три милиони евра, но тоа е поради варијацијата на цената на златото на светскиот пазар.
извор: Дневник