
Некогашниот министер за внатрешни работи Леон Британ (74) кој на таа должност бил за време на Маргарет Тачер неодамна заврши на полициско испрашување поради обвиненијата дека во својот стан во Лондон, силувал 19-годишна студентка.
Тоа, наводно се случило во 1967 година кога Британ, кој е доживотен член на Домот на Лордовите, се обидел да се пробие во повеќе политички сфери.
Како што пишува Индепендент, наводната жртва на овој конзервативец тврди дека ја силувал непосредно откако се нашле на состанок. Британ овие обвинувања ги отфрлил.
Инаку, неговото име изминатите денови се споменуваше во контекст на голема педофилска афера која ја тресе британската политика. Него не го обвинуваат дека злоставувал деца, но беше министер во времето кога на полицијата еден тогашен парламентарец предаде документи на 40 страници со докази за застрашувачка мрежа на педофили во кои имало и парламентарци.
Скандалот е во тоа што британската полиција признава дека тие хартии се украдени или уништени.
Парламентарецот кој ги предаде документите се до својата смрт тврдеше дека во тие документи се вклучени некои водечки имиња од британската политика, но не спомна чии.