
Повеќенаменско игралиште кое се протега на 1.000 метри квадратни денеска беше пуштено во употреба од страна на премиерот Никола Груевски, градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасевски во дворот на основното училиште „Свети Климент Охридски“ во населбата Драчево.
Изградбата на ова игралиште започна на крајот на месец март и за неполни 4 месеци, како што нагласи премиерот Груевски, започна да функционира и е дел од ветените проекти.
Игралиштето е опремено со четири коша, како и место за играње на мал фудбал и ракомет.
Истото е опремено и со рефлектори за употреба во вечерните часови.
Како што нагласи градоначалникот на Кисела Вода, Беличанец-Алексиќ, веќе идната недела веднаш до ова игралиште ќе биде изградено и ново игралиште со фитнес реквизити со средства обезбедени од буџетот на општина Кисела Вода.
-Ова е голем капитален проект и е сличен со проектот за изградба на 180 спортски сали, а во иднина ќе се изградат 50 нови фудбалски игралишта и 120 тениски терени низ цела Република Македонија, изјави Груевски, кој додаде дека 49 фудбалски игралишта се веќе завршени, а во фаза на изградба е педесеттото игралиште.
Инвестицијата за изградбата на повеќенаменското игралиште во населба Драчево чини 8 милиони денари.