
По повеќе од една деценија денеска официјално пуштен во употреба базенот Довлеџик.
Вчера ја добивме дозволата за работа од Центарот за јавно здравје кој ја испитуваше водата која ги задоволува стандардите,имаат и лиценцирани спасувачи од единствената институција во Охрид којиздава такви лиценци, вели Алекасандар Георгиевски раководител на спортските објекти на ЈП Стрежево.
За влезница од 60 денари, секој ден од 10-18 часот битолчани ќе може да се разладуваат на ова место кое во минатото важеше за собиралиште во летните месеци. Подолг период ЈП Стрежево ги санирало штетите од забот на времето.
Пред една недела ја доделиле и кафеаната која за еден месец треба да почне да дава услуги на посетителите, и во оваа недела треба да почнат и шанковите со работа, рече раководителот на базенот.
Долг 170 метра, широк 70метра, со најголема длабочина 2метра и 20 см, базенот Довлеџик е подготвен да ги прими првите капачи, велат од ЈП Стрежево.
Георгиевски додава дека базенот бил испразнет и бактериолошки исчистен од застојаната вода, средени се терените за тенис и кошарка кои се бесплатно засега дадени на користење на битолчани.
Базенот се чисти два пати неделно, а водата при празнењето, дел се испушта во каналот за наводнување, а дел во реката Драгор.