Агуеро среќен поради аутсајдерската улога

Брзоногиот напаѓач на Аргентина, Серхио Агуеро, на неколку часа пред стартот на финалниот натпревар изјави дека е среќен што фаворитската улога му е доделена на противникот, репрезентацијата на Германија, но тоа значи дека противничките фудбалери ќе бидат под многу поголем притисок.
“Германија секогаш е меѓу фаворитите за светската титула, заедно со Бразил. Тие остануваат такви. Ние треба да ја одиграме нашата игра и наполно ни одговара што притисокот е врз нив. Ние сме во финалето и треба да победиме, без разлика на каков начин. Сакаме да ја контролираме топката, но знам дека Германците се извонреден тим, во кој фудбалерите играат заедно долго време. Јасно е дека Аргентина ќе брка победа, но во одредени моменти ќе треба да бидеме повнимателни. Ние сите сме свесни за нашата мисија и треба да ги исцедиме последните сили на теренот за да ја оствариме”, изјави напаѓачот на Манчестер Сити.