Градот бара квалитетни кадри, опозицијата обвинува за мобинг

Огласот за пријавување интерс за вработување нови  лица на раководни позиции во Градот, за опозициските советници претсвува мобинг за актуелните вработени, кои, на овој начин без реална причина стравуваат дека ќе го изгубат своето работно место.

Објаснувајќи дека не се работи за класичен оглас за вработување, туку за веќе воспоставен начин за изработка на  информативна база на квалитетни кадри и можност да се види колкав е интересот на стручните лица за ангажман во градската администрација, градоначалникот Коце Трајановски демантираше дека на актуелните вработени им е загрозено работноот место. Сепак посочи дека никаде, па и во градската адмнистрација работното место не е гарантирано,особено доколку неквалитетно се работи.

„Постои евалуација за секое работно место. Воопшто не се работи за мобинг, но луѓето треба да бидат мобилни во извршување на своите задачи. Да се најдат луѓе кои ќе бидат способни, иницијативни и одговрни, тоа е целта. Целта е пријавување на интерес за овие функции, ова не е вработување. Ќе следи интервју за работа со дел кои ќе бидат избрани, а дел од нив ќе се  тестираат. Многу е тешко да се најдат квалитетни кадри. Ова е начин да се направи база на квалитетни кади во администрација. И пред нешто повеќе од една  година имавме ваков оглас, но немаше заинтересирани. Ова не значи дека актуелните вработени на тие позиции ќе бидат заменети. Сакаме да видиме колкава е заинтересираноста за работа во Градот и колку квалитетни кадри ќе се пријават. Засега се пријавиле 106 кандитади. Нашите агенди и програми се многу обемни и бараат ангажирање на квалитетни луѓе. Пријавувањето е по електонски пат“, вели Трајановски.

За советничката Линдита Атанасова, од СДСМ, ваквиот оглас не е потребен и е збунувачки, бидејќи, ако е потребна замени или нови кадри се распишува оглас за вработување, а не за покажување интерес.

„ На едно јавно претпријатие или му треба директор или не му треба. Или објавуваме оглас или не. Како тоа на еден оглас ќе се примаат луѓе за сите јавни претпријатија и админситрација. Вие досега немавте поплака од директорите или раководителите.  Ова е класичен мобинг, Избраните каде ќе одат на интервју, кој ќе ги интервјуира оние кои ќе влезат во изборот? За нив вие како градоначалник  ќе одговарате, бидејќи вие ги избирате. Ова е калсичен мобинг да ги држите луѓето на листа на трансфер, дека во секој момент може да се сменат ако не го работат она што го барате“, истакна Атанасова.

Огласот што е во тек и треба да заврши на 25 јули,  треба да покаже колку компетентни кадри се заинтересирани за  повеќе раководни позиции во разни сектори во градската администрација  и јавните претпријатија, но и за директори на Музеј на Град Скопје, на МКЦ, на Зоолошка, на Детскиот културен центра-Карпош, на Универзална сала, на ЈСП и на ЈП „Водовод и канализација“.