Новите автопати со 30 мотели и бензиски пумпи

Нови 30 комерцијални објекти како бензиски пумпи и мотели ќе се градат автопатите, магистралните и регионални патишта ширум земјава, со цел  зголемување на квалитетот на транспортот, но и за придвижување на економскиот развој.

Според теренската анализа, во првата фаза се утврдени девет локации  долж автопатите кои се во градба. Два објекти се предвидуват на автопат Кичево – Охрид, во близина на Мешеишта и Сливово. Одбрани се три локации на автопат Демир Капија – Смоквица, две локации во близина на Миравци и една во близина на Милетково. И на автопатот Миладиновци – Штип, избрани се четири локации, по една локација во близина на Пеширово и Сопот и две во близина на Свети Николе

„Во втората фаза на реализација на овој проект, како што ќе напредува и изградбата на самите автопати, ќе биде извршен дополнителен увид на лице место при што ќе се утврди дали постојат услови за урбанизација на дополнителни локации“, истакна портпаролот на Влада, Александар Ѓорѓиев.

Локациите ќе бидат понудени на продажба преку електронско јавно надавање, до крајот на годинава или почетокот на следната година.

Како што посочи Ѓорѓиев, со новиот проект ќе се овозможи поквалитетен транспорт и сообраќај, како и нови услови за бизнис заедницата.

„ Од овој момент на објава на почетокот на реализација на проектот до моментот на реализација на постапката за продажба на локациите, постои период од неколку месеци во кои членовите на бизнис заедницата имаат доволно време да направат анализи за можностите за правење бизнис во оваа сфера, да се запознаат со сите околности и факти, и да направат планови за потенцијална инвестиција, од која што корист ќе имаат тие и нивната компанија, но ќе имаат корист и граѓаните затоа што со овие потенцијални инвестиции ќе се отворат нови работни места и ќе се придонесе за локалната економија“, истакна Ѓорѓиев.