Македонија со лекција и за Романија

Со нова одлична тимска партија и контрола на резултатот во текот на целиот натпреварот, македонската кошаркарска репрезентација заслужено ја совлада Романија со 75:56 наподготвителниот турнир за квалификациите за ЕП 2015 гдина, што се игра во во Охрид.

Идентично како и на средба со Австрија, селекторот Александар Џикиќ уште од почетокот на натпреварот често ротираше со својот состав, давајќи еднаква шанса на сите кошаркари во составот.

Бојан Трајковски и Ричард Хендрикс беа предводници на раното водство на нашиот тим од 14:5, кое македонските кошаркари го одржаа до крајот на првата четвртина. Во вториот период, со неколку прецизни шутеви од далечина Романците успеаја резултатски да се доближат и во еден момент и да изедначат (26:26), сепак Македонија не дозволи комплетен пресврт и на одмор замина со предност од еден поен 36:35.

На почетокот на второто полувреме, нашите кошаркари во првите три минути имаа проблеми со реализацијата, со што Романија стигна до највисока предност од 7 поени, но следуваа шест поени по ред на Бојан Трајковски, а потоа и тројки на Симоновски и Дамјан Стојановски, со што го вративме водство кое не го испушти до крајот.

Бојан Трајковски беше најефикасен со 22 поени, 6 скокови и 2 асистенции и заедно со Хендрикс кој постигна 8 поени со 6 скокови, 4 асистенции, 3 украдени топки и 3 блокади, ја предводеше играта под обрачите. Покрај Хендрикс, по 8 поени постигнаа и Соколов, Костоски и Дамјан Стојановски.