Сообраќајот се одвива нормално, но можни се одрони

Сообраќајот во земјава се одвива без забрани, по суви коловози.

Од АМСМ препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Забраната за деновите од викендот е: во петок од 17:00 до 22:00 часот; сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот.

Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.