
„За нас, како земја домаќин, изборот токму во Република Македонија да биде отворена Унгарска национална куќа, наспроти останатите земји во регионот, пред сѐ значи чест и привилегија, но и можност за продлабочување на соработката преку проширување и унапредување на билатералната економска соработка меѓу Република Унгарија и Република Македонија“, истакна министерот за економија Беким Незири на денешното свечено отварање на Унгарската национална трговска куќа во Скопје.
Основана од страна на унгарската Влада и унгарската стопанска комора за трговија и индустрија, Унгарската национална трговска куќа претставува дел од новата стратегија „Отворање кон исток“ и е насочена кон барање на нови пазари и нови можности за унгарските компании.
„Со отворањето и постоењето на Унгарската национална трговска куќа во Република Македонија се овозможува унапредување на економската соработка меѓу двете земји, преку реализирање на нејзината основна цел – олеснување на контактите меѓу македонските и унгарските компании и јакнење на меѓусебната деловната соработка. Во таа насока би сакал да им порачам на бизнисмените максимално да ја искористат оваа прилика и да започнат многу нови успешни приказни на соработка, а со тоа да воспостават и нови правци на трговската соработка“, подвлече Незири.
Според заменик министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто денешното присуство на министрите на овој свечен настан е доказ повеќе за приврзаноста на Владата кон понатамошното унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Унгарија.
„Владата на Унгарија, исто така, се обврза да работи на унапредувањето на билатералните односи. Во нашата надоворешно-трговска стратегија, Република Македонија има значајно место. Унгарија располага со едно многу отворено стопанство и нашата надворешно-трговска стратегија во голема мерка влијае врз вкупните резултати на националното стопанство. За нас е многу важно успешно да настапуваме на пазарите на Средна Европа и на Западниот Балкан. И бидејќи со Македонија имаме изградено извонредни политички односи, ја сметаме за важен партнер на Унгарија. Република Мекдонја во изминатиот период постигна изнворедни економски резултати, и ова е добра шанса да ја унапредиме меѓусебната соработка, особено во делот на малите и средни претпријатија“, истакна Сијарто.
Тој изрази уверување дека соработката меѓу малите и средни претпријатија ќе биде мотор за подобрување и прогрес на меѓусебните економски односи, а задачата на оваа трговска куќа ќе биде да изгради што поефикасни и што подобри меѓусебни партнерски односи.
На церемонијата на отварањето присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Попоски, генералниот директор на Унгарската национална куќа Георги Керекес и Амбасадорот на Унгарија во Македонија, Јосеф Бенце.