
Готови се прелиминарните резултати за присуството на опасната бактерија листерија која досега однесе четири човечки животи. Од близу 200 испитани мостри имало две позитивни. Најверојатно заразата дошла од неисправни колбаси, пишува Канал 5.
„Ние во двете лаборатории каде што вршиме испитувања, на Факултетот за ветеринарна медицина и на Институт за јавно здравје испративме 600 мостри. Прелиминарно има две позитивни мостри, но понатаму тие треба да се квантифицираат за да имаме попрецизни резултати“, вели за Канал 5 Дејан Рунтевски директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Дали овие производи кај кои е изолирана бактеријата се пуштени во промет?
„Не, тие производи не се во промет, најдени се како резерва кај производителите. Треба да се направат дополнителни анализи дали листеријата најдена кај овие производи е соодветна со таа изолирана кај пациентите“, објаснува Рунтевски.
Останатите резултати се очекува да се знаат в среда.