
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими на работна средба амбасадорот на Словачката Република во Македонија, Мартин Безак.
На средбата беше разговарано за приоритетите и активностите на Словачка во рамки на нејзиното едногодишно претседавање со Вишеградската група (Словачка, Чешка, Унгарија и Полска) од 1 јули оваа година.
Притоа, беше потврдено дека поддршката за европската и евроатлантската интеграција на сите земји од Балканот останува високо на надворешно-политичката агенда на Вишеградската група.
Амбасадорот Безак врачи покана од словачкиот вице-премиер и министер за надворешни работи Мирослав Лајчак за учество на министерот Попоски на традиционалниот состанок на министрите за надворешни работи на Вишеградската група и Западен Балкан, кој ќе се одржи во Братислава на 31 октомври 2014 година.
Говорејќи за главните надворешно-политички приоритети – интеграциите во НАТО и ЕУ и регионалната соработка, министерот Попоски го подвлече значењето на континуираната и принципиелна поддршка која Република Македонија ја добива од Словачка во овој контекст.
Во духот на овогодишното одбележување на дваесеттиот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, министерот Попоски и амбасадорот Безак ги поврдија добрите македонско – словачки билатерални односи, притоа изразувајќи заемна подготвеност за нивно натамошно унапредување и продолжување на политичкиот дијалог на највисоко ниво.