Катастарот со нови пониски цени

Од 18 овој месец граѓаните ќе плаќаат за 16,1 отсто пониски цени за користење и увид во податоците од геодетско катастарскиот систем и за 10,1 отсто помалку за геодетски елаборати од приватните геодетски фирми.

Новите цени се утврдени со тарифниците за висината на надоместите за користење и увид во податоците на геодетско катастарскиот информациски систем за извршените геодетски работи од што ги изготви Агенцијата за катастар на недвижности.

За документите што се добиваат во електронска форма намалувањето на цените е за 19,3 отсто, а кај цените во хартиена форма има просечно намалување на цените од 14,5 проценти. Кога податоците се во електронска форма, а барателот сака да се издадат во хартиена форма кај дел од производите покрај намалување има и благо зголемување, рече денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

За добивање имотен лист, наместо 175 денари, за хартиена форма ќе се плаќа 180 денари, а за електронска 150 денари, односно за 25 денари помалку. За 32 денари ќе биде пониска цената на копијата на катастарскиот план, што сега е 215 денари.

Новина во тарифникот, наведе Трпески, се имотниот лист за инфраструктурни објекти, за кој за хартиена форма ќе се плаќа 226 денари, а за електронска верзија 194 денари. Извод од катастарски план преклопен со план на инфраструктурни објекти ќе чини 366 денари, додека список на катастарски парцели низ кои поминува инфарструктурен објект 50 денари.

За тарифникот за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско катастарскиот информациски систем има 154 производи од кои 88 се издаваат во електронска форма и 66 во хартиена форма.

Според Трпески, за 10 отсто помалку ќе чини геодескиот елаборатот за легалзиација на дивоградба со површина од 50 до 100 квадратни метри, односно сегашната цена од 4.100 денари се намалуваат на 3.688 денари. За дивоградбите пак со површина од 100 до 300 квадратни метри има намалување на цената за 8 отсто и наместо 7.940 ќе се плаќа 7.333 денари.

За 30 отсто е намалена цената на елаборатот за обележување градежна парцела за реализација на урбанистички план за 100 метри квадратни и наместо 8.200 денари ќе изнесува 5.756 денари.

За 12 отсто помалку ќе се плаќа за изработка на основен елаборат за запишување на права на недвижности со премер на внатрешна површина, вклучувајчи и габаритен премер, за површина од 150 квадратни метри, односно цената се намалува од 6.350 на 5.618 денари. За основна физичка делба на две парцели услугата за изработка на геодетски елаборат поевтинува за 28, а за наредна новоформирана катастарска парцела за 15 отсто.

Во тарифникот, додава Трпески, се опфатени и нови ставки, за елаборати за ажурирање на податоците во функција на усогласување на податоците од катастарот со фактичката состојба, при што за граница од 30 метри должни ќе се плаќа 2.862. Важен елаборат со новата можност од законот за градење онаму кадешто нема урбанистички планови да може да се откупува земјиштето само под објект. Цената на овој елаборат за 50 метри квадратни изнесува 2.066 денари.

Најдоцна до 18 овој месец, потсети Трпески, ќе почне примената на измените на Законот за катастар на недвижности со кои Катастарот ќе изготвува бесплатни елаборати за легализација на дивоградби за лицата корисници на социјална и постојана парична помош и за лица со ниски примања до 168.000 денари на годишно ниво. Тие треба да се обратат до центрите за социјална работа и Управата за јавни приходи за да обебзедат потврда за докажување на стаусот и да почнат да поднесуваат пријави до катастарот за изработка на елаборати.