Предизвикувачот на листеријата останува мистерија

Предизвикувачот на заразата од бактеријата листерија, од која за нешто повеќе од еден месец заболеа осум лица, а од нив четворица починаа, засега останува мистерија.

Резултатите од анализата на околу 610 мостри на производи од месната и млечната индутрија, покажуваат присуство на оваа бактерија кај 23 примероци,  но, тие не може да се поврзат со конкретните случаи на заболени од листерија, бидејќи се работи за различен генотип.

Досега генотипизација е направена на 16 од 23 позитивни мостри,  додека на осум е извршено квантитавно испитување – утврдување на количинската застапеност.

Тоа што засега е утврдено е дека сите излолати земени од  заболените се со ист генотит кој засега не се совпаѓа со анализираните позитивни примероци. Но, едно е сигурно дека предизвкукувачот и идентичен кај сите осум регистрирани случаи со листерија.

Позитивните мостри кои засега се добиени во лабораториите на Институтот за јавно здравје (15) и На Ветеринарниот факултет (8) се пронајдени во примероци на мелено месо, свеж колбас,  млечни производи и брисеви од работна површина од месарници.  Сепак, од Агенцијата не открија за кои производи и месарници се работи бидејќи иако е пронајдена листерија таа  била во  минимални количини, под 10 колонии на грам што било под дозволеното ниво од 100 колонии на грам во рамки на рокот на траење на производот.

Според директорот на Институтот за храна при Ветеринарниот факултет, Дејан Јанкуловски, опремата со која се праат анализите кај нас се употребува од 2011 година и е препорачана од релевантни светски институции кои се занимаваат со безбедноста на храната.

„ Се работи за метода  „златен стандард“  за молекуларна типизација на изолатите. Односно, на овој начин се  утврдува дали изолатите кои ја предизвикале болеста се совпаѓаат со изолатите од храната. Тоа што го добивме се гледа дека сите изолати кои ги добивме од Институтот за микробиологија за лицата се потполно идентични. Генетскиот отисок од овие изолати од заболените досега не се совпаѓа со ниту еден изолат од храна или од површините на објектите“, истакна Јанкуловски.

Тој објасни дека листеријата ја има насекаде и во сите производствени погони, но таа таму е „одомаќена“. Но, секоја бактерија е специфична за секој погон, има „свој потпис“  и ако таму се произвела храна заразена со оваа бактерија би било лесно да се лоцира „изворот“.  Но, засега анализите не покажуваат совпаѓање со причинителот на бактериското заболување кај осумтемина заболени.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски, најави и засилени и задолжителни контроли на увозните производи. Ако досега се земало мостри по случаен избор, сега секој производ кој се внесува во земјава ќе биде исконтролиран.
Рунтевски најави и превентивна генотипизција на секоја нова позитивна мостра за да се избегнат сите сомневања и шпекулации. Според него, најверојатно причинителот на заразата не е во месната и млечната индустрија, бидејќи засега резултатите не го покажуваат спротивното.

Околу 150 земени мостри останува да се испитаат во следнава недела, за што Агенијата дополнително ќе излезе со резултати од анализите.