
Промена на името Народна банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија, буџетски дефицит да се ограничи на три отсто од БДП, а јавниот долг на 60 отсто од БДП. Уставна можност за формирање посебна финансиска зона и Државниот завод за ревизија да стане уставна категорија, се дел од пакетот осум уставни измени кои ги предлага Владата, пишува МИА.
Новите правила, се смета, ќе гарантираат домаќинско работење на која било Влада во Република Македонија.
„Република Македонија иако успешно се справи со светската економска криза со оваа иницијатива се има намера во Уставот превентивно да се вградат механизми, што гарантираат фискална дисциплина и стабилност, тргнувајќи од најдобрите европски практики по примерот на земјите кои извршија уставни измени во оваа насока, меѓу кои Германија, Шпанија, Словенија, Австрија, Полска, Италија“, вели Груевски.
Ова ќе преставува нов квалитет, и силна гаранција, дефинирана со Устав, за оваа или било која идна Влада, домаќински да се однесува со буџетот и дефицитот како и јавниот долг да биде на стабилно и одржливо ниво.
Меѓународна финансиска зона за зголемување на вработеноста
Целта на формирањето меѓународна финансиска зона, што се предлага со уставните измени, е зголемување на вработеноста во Република Македонија.
По усвојување на уставните измени ќе се изработи закон во кој во детали ќе се опишат сите планирани работи во меѓународната финансиска зона во Македонија. Предвидено е на простор од 10 до 20 хектари да се формира финансиска меѓународна зона во која ќе се пресликаат законите од една од државите, како што се САД, Англија или Германија во делот на финансиите. Интенцијата е позитивна бидејќи кога станува збор за пресликување закони од Германија, САД или Англија не може да стане збор за што било што е поврзано со негативни работи како што имаше некои сомневања и стравувања.
Со ова се очекува дополнително да се зголеми кредибилитетот на финансиската зона, бидејќи целосно ќе се преслика регулативата од овие најдобри економии кои се најпривлечни за инвеститорите и ќе се дадат дополнителни поволности во делот на даноци и слично, за компаниите кои ќе одлучат тука да ги пренесат нивните седишта.
Со уставните ограничувања на јавниот долг и буџетскиот дефицит до поголема транспарентност на трошењата на народните пари
Гувернерот на Народната банка на РМ, Димитар Богов смета дека уставните лимитирањата на јавниот долг до 60 отсто и дефицитот до три отсто од БДП, ќе значат поголема транспарентност на трошењата на народните пари.
„Постои таков пример во многу земји и тоа е еден современ тренд, кој последниве години се воведе во многу земји. Од аспект на монетарната политика е позитивно да имаме поголема транспарентност и предвидливост на фискалната политика, што секако е позитивно за нас. Веројатно предлагачите ги имале во предвид и моментите на непредвидливи трошоци“, вели Богов.
Според него, веројатно е дека предлагачите ги имале предвид и моментите, односно ситуациите кои подразбираат и непредвидливи трошоци, како што се на пример евентуална воена или вонредна состојба, можни социјални немири и друго.
Според пратениците од владејачкото мнозинство преточувањето на нормите од Спогодбата за фискалната стабилност на ЕУ во Уставот на РМ ќе претставува еден силен знак дека Република Македонија дури и пред членството во ЕУ е подготвена да ги следи највисоките правила кои во моментов се и најактуелни во Унијата.
„Македонија со ваквите измени во Уставот ќе покаже голема фискална одговорност, спремност за буџетска дисциплина, спремност да ги примени највисоките норми на ЕУ и подготвеност секоја политичка гарнитура ефикасно да управува со јавните финансии“, истакна Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Државниот завод за ревизија да стане уставна категорија
Министерот за правда Аднан Јашари на собраниска седица појасни дека инкорпорирањето на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во уставна категорија е обврска во насока на зајакнување на неговата независност.
„Со измените се предлага и оваа законска категорија да премине во таа т.н. уставна категорија… Ова е предложено поради исполнување на критериумите на Европската комисија за обезбедување независност на овој толку битен орган како што е Државниот завод за ревизија“, додаде министерот Јашари.
Пратениците од владејачкото мнозинство сметаат дека воведувањето на Државниот завод за ревизија како уставна категорија е многу одговорен предлог од страна на Владата, бидејќи тоа како препорака доаѓа од многу релевантни институции чија интенција е ДЗР да има дополнителна зајакната независност во системот на функционирање во државата.
„Тоа ќе значи дополнително ослободување на ДРЗ уште посилно и уште постабилно да ги набљудува процесите на трошење на средствата собрани од граѓаните коишто се наменети за јавни интереси. Тоа ќе значи дополнителна одговорност во работата на сите институции коишто се финансираат преку буџетот на државата, преку буџетот на локалните самоуправи или во форма на фондови, агенции или јавни претпријатија“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Промената на името на НБРМ во Банка на Република Македонија ќе доведе до измена на изгледот на парите
„Промената на парите нема да се случи преку ноќ, тоа ќе биде нормален процес, како и до сега. Оној момент кога тие ќе бидат излитени и нормално ќе се повлекуваат, новите пари коишто на нивно место ќе се издаваат ќе бидат со новото уставно име, во случајов Банка на Република Македонија. Новите изданија на пари кои во меѓувреме ќе ги имаме секако ќе бидат со новото име. Замената ќе се одвива постепено“, изјави за медиумите гувернерот Богов.
Нацрт-амандманите на Уставот доставени до пратениците
Седумте нацрт – амандмани на Уставот доставени им се на пратениците. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски информираше дека ќе закаже седница на Комисијата за уставни прашања на 25 август, а два дена подоцна и седницата на која ќе бидат изгласани. Нацрт – амандманите што ќе бидат изгласани потоа ќе одат на јавна дискусија, по која Владата повторно до Собранието треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешките. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.
Уставните измени според најавите од Владата би се примениле при подготовката на Буџетот за 2017 година.
Последните измени на Уставот беа донесени на 12 април 2011 година, а најавените измени на Уставот ќе бидат осми по ред.