
Комисијата за заразни болести ќе ја разгледува состојбата со ширењето на еболата на секојдневни состаноци, а патниците ќе добиваат повеќе информации за болеста, пишува Нова Македонија.
Во Македонија стигнуваат патници што биле во земјите во кои има болни од смртоносната ебола, а има и наши државјани таму. Поради тоа Комисијата за заразни болести ќе добива информации од аеродромите за патниците што пристигаат од земји во кои има болни од смртоносниот вирус. Состојбата за ширењето на заразата во светот, пак, ќе ја разгледува на секојдневни состаноци, а патниците ќе добиваат повеќе информации за болеста. И Македонија ги засилува мерките против вирусот. Тоа веќе го направија Србија и Хрватска. Епидемија на ебола има во Централна и Западна Африка, а страв од неа има во целиот свет.
– Се организиравме да добиваме податоци од аеродромите за патници што доаѓаат од ризични подрачја. Така ќе можеме да ги следиме 21 ден, за да видиме дали имаат симптоми. Инкубацијата на вирусот трае од 2 до 21 ден, а потоа се појавуваат симптоми, кога болниот всушност може да заразува. Исто така, патниците ќе добиваат брошури, памфлети со информации за болеста. Комисијата за заразни болести, пак, секојдневно на состаноци ќе разговара за болеста – вели д-р Јованка Костовска, член на комисијата и раководител во Министерството за здравство.